4.2.17

„За да дознаеш каде тече реката, не прашувај ја секоја капка вода посебно.“

(Повод: „Не ја фрлај, дополни ја!“ - рецензија на Б.Ристовски, 03.02.2017, ИТ.МК)


Коректен преглед, освен предлогот за персонализација на секој патник.

Во јавниот градски транспорт, воопшто, персонализираните услуги се разликуваат од неперсонализираните (масовни, унифицирани, универзални) заради тоа што се наменети да задоволат потреби за јавен превоз на посебни категории патници: стари, изнемоштени, инвалиди итн., кои (најчесто физички) не се во можност да го користат масовниот. За нив превозниците наменуваат и посебни возни паркови прилагодени на нивните потреби и особености.

Меѓутоа, намената на персонализираните картички кои ги издава ЈСП не се однесува на соодветно персонализирани услуги, туку само на посебни тарифи - и овде мора да се направи разграничување. Посебните тарифи на ЈСП покриваат различни категории патници (ученици, студенти итн.) кои користат неперсонализирани услуги во масовниот јавен градски превоз, но тоа го прават доволно често за да се квалификуваат за одредени повластици.

За да се добијат демографски податоци и за двата типа (сегашни и можни идни) патници прво е неопходно да се има доволно точна претстава за бројноста на населението, и тоа врз основа на бази на податоци во Заводот за статистика создадени врз основа на извршен попис на населението(!), а потоа е потребно да се спроведе „снимање“ (со палета од стручно одбрани соодветни методи) во секоја од опслужуваните зони, на секој од јазлите (станиците) и вдолж секоја од рутите (автобуските линии) од интерес.

Персонализирани услуги ЈСП моментално не нуди. А со оглед на моменталното „ниво“ на услуга и „способностите“ за стручно планирање и изведба на современ систем за јавен градски превоз од неперсонализиран тип, објективен капацитет да ги нуди нема да има уште долго време. За ЈСП главен, итен и неопходен приоритет е да го оптимизира пристапот кон масовниот јавен превоз - т.е. да го нормализира и повторно да го направи универзален, наместо да го ексклузивизира каков што е во моментот.

Покрај тоа, ако се персонализира секој патник, тоа е во крајна линија деперсонализација - што повторно се сведува на анализа на неперсонализиран масовен превоз.

(За импликациите врз приватноста на податоците и нивото на нејзина заштита во државава, не ни почнувам! „Оние кои сакаат да го задржат своето движење во приватност“ се безмалку СИТЕ.)


Затоа, персонализација на секој патник е непотребна.


А за статистичка анализа на масовен превоз со цел да се добие „точна и прецизна слика за навиките и потребите на нивните [на ЈСП] патници и врз база на тоа да врши оптимизација“ се потребни „само“:

1) обучени аналитичари (инженери, планери итн.), кои...
2) софтверски ќе процесираат...
3) доволно податоци...
4) регистирани во текот на доволно долг (статистички релевантен) временски период.


Патем, што се однесува до точка 1 - во државава се’ уште има сообраќаен факултет. Активен е 40 и кусур години. За жал, неговите кадри се изгледа признати секаде освен дома - иначе, зошто воопшто би помислувале (а камоли се’ друго) студиите да им ги суспендираат и дисперзираат во (пази сеа) Виница?

„За да дознаеш каде тече реката, не прашувај ја секоја капка вода посебно.“


No comments:

Post a Comment