17.11.16

За релативноста на времето и апсолутноста на парите: случајот „Нитаи“

Ти велат: „ексклузивен солистички концерт“ на „пијанист и композитор (...) познат по својата виртуозна инструментална техника и фасцинантно длабока емоција“ кој „четири години како најпрефинет соработник настапуваше со врвниот басист Авишаи Коен“.

Си мислиш: „Ју-пиии! Ќе си поминам к’о на Авишај Коен!...“

Испаѓа: Доцни дваесет минути, не свири ни четириесет. Сосе бис. Сè топтан за нецел саат.

Се чувствуваш к’о: "wham-bam-thank-you-ma'am!"

Настапот на Нитаи Хершковиц пред десетина дена беше промовиран така што било кој потенцијален посетител (како мене) – а особено „фан“ на Коен по концертот на ланскиот Скопски џез фест (пак: како мене) – ќе го заведе и наведе нетрпеливо да очекува музичка вечер која ќе отскокнува по квалитет и доживување и ќе остави траен впечаток.

Оти, концертот на триото на Авишаи Коен – без нималку да претерувам и без да ја потценувам официјалната „ѕвезда“ на изданието, Грегори Портер – беше вистинската кулминација на ланскиот Скопски џез фест. Она што требаше да биде фестивалско гостување од саат-саат и черек стана малку подолг бис сегмент кој го проби терминот и се претвори во журка со стоење и танцување – и сето ова, среде сала без подиум!

Покрај тоа, на интернет се ретки видео клипови од настапи и изведби на „Авишаи Коен трио“ каде пијанист не е Нитаи Хершковиц. И тоа е до тој степен изразено што (можда е срамота, ама) и самиот до неодамна бев сигурен дека на концертот во Скопје Коен го придружувал токму Нитаи, а не одличниот Омри Мор. На крајот на краиштата, дури и во официјалната ланска фестивалска брошура како пијанист во триото е најавен Нитаи Хершковиц…



Ете затоа очекувањата беа големи. Сосема оправдано.

За жал, не испадна така.
 

Here’s what happened:

„Ексклузивата“ доцнеше 18 минути. Одамна ни чудно ни ново за наши услови – ние сè уште „дебело“ доцниме на концерти, без оглед на жанрот. Навики ли се, ментален (ра)склоп ли е, (не)култура на „патриотсељачизам“… или сè заедно?… Сеедно.

„Ексклузивата“, „од здраво до чао“, траеше точно 39 минути (!) – и тоа сосе бисот и сосе кратките коментари помеѓу композициите.

Значи, концертот ем почна со доцнење, ем заврши пред истекот на часот кога и започна!

Испаѓа дека (можно ли е?) Хершковиц повеќе се задржал во книжарница промовирајќи го концертот, отколку што траеше самиот концерт(?!)…

Публиката ја напушташе салата со двоумење, недоверба, скоро дезориентирано. Се погледнувавме меѓу себе и наоколу. Баравме некаков знак, ишарет, потврда дека е само пауза. Дека ќе има втор дел. Дека можеби нешто не бевме разбрале, дека некој сигнал ни се провнал незабележан... Оти еве, светски чо’ек ни свири, а ние кутрите можеби недоволно прошетани, прости, свет не сме виделе…

Или, дека концертот е навистина завршен. По само малку повеќе од половина час.

Така, од релативно пристоен билетот наеднаш стана скап. За да се чувствуваш толку ефтино, незадоволно, поткусурено и, конечно, измамено – дури и прескап.

* * * * * * * *

He’s the one!

Културата на доцнење на настани кај нас е дамнешна. Одговорноста што не е заменета со посоодветна култура лежи, меѓу другите, и кај организаторите на вакви настани. Воопшто, навики се формираат со казни и под страв од казни – во случајов (и безброј други нему слични) затворени врати и забранет влез по терминот на започнување на настанот. И тоа без поврат на цената на билетот.

Уметниците не мораат да нè толерираат, навистина – меѓутоа, ретко кој од нив би се сложил да почне со изведба во скоро празна сала, за во следните 20-30 минути разни-разни вакви-такви-никакви да му лупаат врати, трескаат столици, шушкаат збунети, ѕвонат мобилни…

И затоа, нè толерираат.

Ама сето тоа настрана: во случајов и на уметникот му се пише грев! Оти општоприфатен стандард за колку најмалку треба солистички концерт да трае е околу 75 минути ефективна изведба. И тоа без паузи и без бис!

Се разбира, колку концертот фактички ќе трае зависи и од жанрот, стилот, амбиентот, рамката во која настанот се одвива, големината на просторот, бројноста на публиката… Но, минимумот (оној пристојниот, достоинствениот) е 75 минути музика.

За илустрација: за „домашна работа“ пред комисија додипломци на музички академии обично исполнуваат програма од минимум 30 минути, а магистранти минимум 50 минути.

Е па за публика која плаќа, било кој едикојси од реклами и билборди – кој, патем, се шлепа на славата на итекако докажан постар колега – мора да обезбеди барем минимум професионална изведба.

Башка, на концертот немаше само скопјани (било родени, било натурализирани). Имаше доволно луѓе кои специјално за концертот допатувале од други градови. Било кој од нив подолго време патувал до Скопје отколку што концертот навистина траеше. Башка, концертот пропроционално ги чинел поскапо од самото патување. Сосе патот назад до дома!

„Па ја да кажу дома шшо ме снашло ќе ме утепају од зезање!…“, си се олесни случаен кумановчанец на излегување од салата.


Уште поголема одговорност имаат медиумите. За жал, грото од нив следат поинаква дефиниција за „одговорност“: оние кои пост фестум ќе се осоколат со нешто налик на осврт или критика се редовно во трка кој „поелоквентно“ ќе пофали нечиј настап, притоа поистоветувајќи критика со пофалба, за сето тоа да премине во искривена изразна форма која се граничи со сервилност и апологетство.

* * * * * * * *

Don't. Change. Anything. Ever.

Како официјален организатор на концертот јавно стои извесна агенција Кинор. Според сите јавно достапни податоци, овој концерт им беше прв проект (one-hit wonder?...)

Потоа, ако подетално истражувате низ јавно достапните информации за Кинор, во врска со имејл доменот, регистрантот, одговорните лица на регистрантот, останатите врски на регистрантот со други субјекти и домејни и сл. ќе стигнете до посредни показатели за пов€ројатните примарни мотиви за ваквиот супстандарден настан.

* * * * * * * *

Да не биде само тирада и паљба:

Со исклучок на забелешкиве, рециталот  музички, технички, мелодиски – беше брилијантен. Инаку, ниту ќе ми беше мака ниту ќе постоеше тирадава.

Бујрум интервју со Нитаи Хершковиц за „Теа модерна“.

* * * * * * * *

Конечно, не (сакам да) верувам дека Нитаи Хершковиц знаел каде ќе свири и пред каква публика.

Да, доцниме.

Да, ќутиме демек имало и полошо.

Да, веднеме глава за некоја таму неидентификувана сабја да не ја пресечела…

Ама бре, мајку му, имаме и џез фест стар 35 години! И, за наши услови, влијателен к’о цена на нафта!...

... така што, "ovde neko nije naš".

* * * * * * * *

Е, да, и ова:
„Ама и деби албумот на Нитаи трае вкупно 33 минути! Требаше да си проверите!…“
Редовно се наоѓа понекој препаметен да плукне вакво попувачко неинтелигентно пасив-агресив клише.
Нејсе, блазе си му на акалот.

No comments:

Post a Comment