14.11.15

„Три дена во септември“ не е американски филм…

Уф, добар обид за трилер. Баш локален, баш актуелен, баш со нашиов модерен бит во сржта... Башка прв, најпрв по дамнешно истеченото крајно време за современ, непатетичен, непретенциозен, растоварен од „аманети“ македонски филм...


Со исклучок на техничките пропусти и дупките во текот на развојот на настаните, дури би бил и многу добар - арно ама, филм си е цел кога има се’.

За недоволно разработените односи помеѓу двата главни ликови, чија последица се (релативно мала) низа немотивирани постапки, реакции и емотивни „доживувања“, можеби би нашол објаснување, но не и оправдување. Од таквата низа се добива чувство дека тие, ликовите (напатени, истрауматизирани, маргинализирани, стигматизирани; по статус, потекло и искуство далеку од префинети), како напати да размислуваат во метапростори и димензии, тогаш кога (нат)просечен филмофил не баш лесно ги следи таквите емотивни егзибиции. Небаре во одделни секвенци при создавањето на делото на ум да се имале само посакуваните резултантни односи, па импресиите од посакуваниот резултат да биле толку големи што потребните развојни фази и степени се скокале или крпеле во од... Едноставно, „е откај сеа ова?“ е прашање кое пречесто ми паѓаше на памет.


Понатаму, никако нашите ентузијасти и професионалци да расчистат со старите искушенија, како: преамериканските реплики, кои се предалеку од духот на македонскиот секојдневен говор за да звучат природно; или театарската (театралната?) дикција, вечниот реликт кој на чисто рефлексивна ситуација и’ одзема природност, спонтаност, реалност, сировост, суровост… Сето тоа што ситуацијата треба да го пренесе, а главните актерки преспособни да ја создадат.


Ирена Ристиќ („Јана“/„Кристина“) и Камка Тоциновски („Марика“) - извор: www.ffm-montreal.org

Можеби заради (макар и дел од) сево ова им избегала и онаа смешка од самиот почеток, кога Марика на „Јана“ и’ бара огледалце додека седат во купе чии ѕидови во висина на главата се „уздуж и попреко“ обложени со огледала…

Заради сево ова погоре не ни можам да се обидам достојно да си се запрашам дали делово, освен општо и површно, евентуално пренело ставови по однос на пошироки конотации и портрети на општествени дилеми, социјални прашања и проблеми и ним слични; како ги претставило, колку темелно, објективно или не… Едноставно затоа што алатките и методот за пренос и претставување не беа на ниво.

No comments:

Post a Comment