16.2.15

Денационализацијата станува обезвреднување по теркот на ТАТ

Владата со уште еден бескомпромисен чекор што дополнително ќе ги оштети граѓаните чии имоти се под опсада на Управата за имотно-правни односи од Министерството за финансии

Во екот на студентските и професорските протести, штрајкот на СОНК, а особено скандалот со неовластеното противзаконско повеќегодишно снимање на електронските комуникации на преку 20 илјади граѓани на РМ од страна на власта, од кој произлегоа и сомнежи за постоење организиран криминал во трите столба на власта во Македонија – изгледа дека (и покрај сè) Владата и понатаму продолжува на мала врата, како толку многу пати досега, да протнува суштински законски измени со кои на илјадници граѓани сериозно им ги ограничува основните права.

Овојпат се работи за законска измена со која на релативно многубројна категорија оштетени граѓани дополнително и уште посериозно ќе им се ограничи правото на располагање, користење, ползување и промет со нивниот недвижен имот. Во најлош случај последиците од оваа законска измена ќе доведат до крајно обезвреднување на тој имот.


Законодавната постапка во тек

Во Собранието на РМ моментално во процедура е текст на предлог-закон за изменување на Законот за денационализација (ЗД). Целта на предлог-законот е од постојниот текст да се избрише конкретен член што ја дефинира примената на обврзниците од денационализација, наводно со цел законот да се усогласел со промената во политиката на Владата на РМ по однос на примената на обврзниците.

Членот кој ќе се брише инаку определува во кои области и на кој начин обврзниците можат да се користат во пазарен промет и при купопродажни трансакции. Целта на членот е да одреди како вредноста на обврзниците од денационализација да се реализира во пракса, бидејќи таа вредност мора, согласно закон, да соодветствува на реалната вредност на имотот чиј еквивалент се тие обврзници.

Токму заради областите и начините на примена, така како што се дефинирани во сè уште постоечкиот член, обврзниците од денационализација во текот на изминатите години прераснаа во барана и ценета хартија од вредност, како во редовниот платежен промет, така и на Македонската берза.

Како крајна последица од бришењето на овој член од законот, обврзниците во целост ќе ја изгубат својата вредност заснована врз областите и начините на примена од тој член.
Покрај тоа што се коси со сите основни принципи на денационализацијата како општествена вредност, оваа последица претставува голем, ГОЛЕМ практичен проблем за засегнатите граѓани.
(Првото читање на текстот на предлог-законот – како и предлог-законот за изменување на Законот за издавање на обврзници на РМ за денационализација – е закажано како 22, т.е. 23 точка на дневен ред на 35-тата пленарна седница на Собранието на РМ која започна денес, 16 февруари 2015 г. напладне.)



Прво, да расчистиме:

Што се, всушност, обврзници од денационализација?

Обврзници од денационализација се хартии од вредност кои ги издава државата Република Македонија преку Министерството за финансии. Тие служат како средство со кое државата го исплаќа својот долг кон населението (должнички х.в.) и достасуваат преку период подолг од една година (долгорочни х.в.). 

Кога одредени граѓани бараат денационализирање на имот што им бил одземен во СФРЈ, а денес таквиот имот РМ не е во можност физички да им го врати (заради остварување јавен интерес, или оти имотот веќе не постои, и сл.), на тие граѓани РМ им издава обврзници од денационализација. На тој начин државата се обврзува дека на тие граѓани долгот за присилно одземениот имот ќе им го исплати во висина од номиналниот износ на обврзниците, заедно со одредена камата.

Членот кој споменатите измени имаат за цел целосно да го остранат од ЗД им овозможуваше на таквите граѓани обврзниците да ги користат на различни начини и за различни цели:
  • да купуваат акции и удели во претпријатијата кои ги поседува Агенцијата за приватизација пренесени во Министерство за економија,
  • да купуваат акции и удели во претпријатијата кои се резервирани за поранешните сопственици согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал,
  • да плаќаат побарувања пренесени со закон на Агенцијата на Република Македонија за управување со средства – Министерство за финансии,
  • да купуваат државен имот кој е понуден за продажба и за чиј откуп е предвидена можност за плаќање со обврзници,
  • да купуваат акции и удели на државен капитал во процесот на негова приватизација,
  • да плаќаат надомест за концесија на државен имот,
  • да купуваат или плаќаат закуп на државен имот,
  • да плаќаат обврски кои произлегуваат од ЗД, и
  • да ги користат како друг еквивалент на сопственост определен со закон.
Со оглед на сите овие набројани можности и области на примена на обврзниците од денационализација тие во текот изминатите години бележеа, исто така, континуирана популарност и при тргувањето на Македонската берза. Благодарение на интересот кај купувачите вредноста на обврзниците при тргувањето на берзата скоро и да не паѓаше под 90% од номиналната. Со таков процент граѓаните-носители на обврзници остваруваа коректни зделки добивајќи релативно фер надоместок во замена за присилно одземените имоти. Во таа смисла, при последното тргување со обврзници од денационализација на Македонската берза без забележани вредности на откуп од преку 96% од номиналната вредност на обврзниците.

Меѓутоа, доколку Собранието на РМ ги усвои и озакони најавените измени на ЗД, од сите овие погоре наведени опции нема да остане НИШТО.

Во образложението од текстот на предлог-измените е нагласено дека граѓаните-носители на обврзници сè уште ќе можеле обврзниците да ги продаваат преку Македонската берза на заинтересирани инвеститори (пензиски фондови, инвестициски фондови, осигурителни друштва, банки, правни и физички лица) – меѓутоа, по измените оваа опција нема да поседува никакво суштинско значење и вредност! Откако сите претходни опции за примена и користење на обврзниците ќе престанат да постојат, сите оние нивни особини заради кои обврзниците биле интересни и посебни, а со тоа и вредни, веќе нема да постојат. Како последица од тоа обврзниците ќе ја изгубат својата вредност, а интересот за тргување со обврзници од денационализација преку Македонската берза ќе се сведе на „нула“. Конечно, граѓаните-носители на обврзници не ќе можат да реализираат фер надоместок за присилно одземените имоти.
Иако во својата рана нацрт-фаза оваа анализа го претпоставуваше ваквиот тренд, тој во меѓувреме почна и практично да се реализира – имено, по обелоденувањето на предлог-измените прометот од тргување со обврзници од денационализација на Македонската берза во текот на изминатата недела забележал огромно намалување од дури 97,29 отсто(!).

Единствен излез од оваа ситуација за граѓаните-носители на обврзници е пасивната опција, во распон од 10 години да чекаат секој 1 јуни (рок на достасување на обврзниците) државата да им исплати рата и камата, како што се уредени со закон.

Меѓутоа, и оваа опција не е без ризик, туку токму напротив – благодарение на ненаменските трошоци јавниот долг на РМ во моментов опасно брзо се приближува до критичната точка по која, според сериозните аналитичари, државата веќе не ќе може да ги исплаќа своите долгови. Во такви услови РМ би можела да банкротира при што приоритет при надмирувањето јавни трошоци ќе имаат долговите кон социјалата (читај: одржувањето социјален мир) и јавната администрација (читај: гласачкото тело), без воопшто да се има претстава колку време би траела таквата државна рецесија.



Идеолошко-правната позадина на процесот на денационализација


Интересна е популистичката перцепција на овој процес – од една страна, обичниот граѓанин плука по социјализмот, „комуњарите“, „урамниловките“, ограничувањето на приватната сопственост и сл.; од друга страна, силно ги презира (им завидува?) на граѓаните кои бараат државата да им ја заштити токму приватната сопственост и да им го денационализира имотот што плуканиот режим присилно им го беше одзел, а патем и ги „класифицира“ како „некои-си-таму-збеснати-земјопоседници-од-кралство-СХС-кои-бараат-таму-некаков-си-преку-леб-погача-додека-ние-другите-немаме-ни-за-гол-живот“...

Угоре високо, удолу длабоко.

Во секој случај, прилично пластична илустрација за последиците од непостојаноста на досегашните влади во нивниот однос кон профилот на новото општество, како и редовните злоупотреби, спинувања и преувеличувања на статусните разлики кај граѓанството во стилот „раздели, па владеј“.

Нејсе.

Целта на денационализацијата е имотите одземени во периодот по 2 август 1944 г. да им ги врати во сопственост на поранешните сопственици (и/или нивните наследници) од кои тие имоти биле одземени. Таквиот имот бил одземен главно заради создавање материјална основа за тогаш новото социјалистичко општество, но мошне често бил одземан и присилно, произволно, импровизирано и крајно селективно – на пример, под обвиненија за наводна „повреда на националната чест“, воено профитерство, а во форма на народни судења...

Со донесувањето на Законот за денационализација Република Македонија презеде обврска да го реприватизира некогаш национализираниот имот, т.е. во рамките на поширокиот процес на трансформирање на општественото уредување да изврши трансформација на општествената сопственост. Покрај тоа, задача на Законот за денационализација е да ги исправи и неправилностите кои на граѓаните им беа нанесени во текот на фамозната приватизација на општествената сопственост во раните години на македонската демократија. Практично, нормален редослед на двата засебни процеси (приватизација и денационализација) би подразбирал најпрво на граѓаните со денационализација да им се вратат национализираните имоти, а потоа преостанатата општествена сопственост да се приватизира. Бидејќи во Македонија овие процеси беа реализирани по обратен редослед, тоа создаде дополнителни неправилности и неправди. Заради нив стана неопходно Законот за денационализација да ги исправа и тие грешки и да се погрижи разликата во вредностите помеѓу имотот, така како што бил одземен, и имотот кој се денационализира да биде коректно надоместена.

Законот за денационализација беше донесен во 1998 г. по 4 години подготовка. Меѓутоа, сè до 2000 г. не беше применлив заради тоа што имаше доста дискутабилни одредби, а не беа донесени ни подзаконските акти неопходни за негова реализација. По изработката и заокружувањето на целокупниот потребен правно-нормативен корпус започна и фактичката примена на законот. Така конечно се овозможи денационализацијата да започне да се спроведува и да се отстрануваат и исправуваат неправдите нанесени врз граѓаните на кои имотите им биле присилно одземени.

При тоа, самиот закон стана и симбол на извинување од државата за поранешните сопственици за извршените неправди, истовремено гарантирајќи дека неговото спроведување државата нема да го потчини на било каква политика или промена во политиката – всушност, процесот на денационализација сам по себе претставува политика поддржана од два различни состави на Владата и Собранието, и тоа од двата различни политички табора: „левицата“ и „десницата“.

Оваа своевидна вонвременска цел и вредност претстојните измени на ЗД директно и бескомпромисно ја уништуваат, девалвираат, изневеруваат со самото тоа што официјална причина за предложените измени претставува промената на политиката на Владата на РМ по однос на користењето на обврзниците за купување на државен имот и за плаќање на обврски кон државата.

Без никакво натамошно објаснување или образложение!

= = = = = = =

Правото на сопственост на поранешните сопственици и нивните наследници врз одземените имоти (што подразбира и давање надомест за одземеното) е признаено уште со Уставот на РМ, што експлицитно го потврди и Уставниот суд на РМ уште во 1999 г. Во таа смисла, Законот за денационализација само ги определува условите и постапката за враќање на имотот и давањето надомест. При толкувањето на законските одредби и нивната имплементација недвосмислен приоритет имаат субјектите за кои е донесен законот – т.е. оштетените граѓани – а не интересите на државата.

Реализацијата на Законот за денационализација треба јасно и гласно да ја пренесе пораката дека на граѓаните чии имоти биле присилно одземени им била нанесена тешка неправда и дека тие последици мора да се отстранат. Законот мора да даде до знаење дека присилното одземање честопати се случувало и без правна основа, или дури и под закана и присила за давање изјава за доброволно отстапување на имотот.

При тоа идните генерации мора колку е можно помалку да бидат оптоварени со надмирувањето на мошне големата и тешка хипотека што со процесот е наследена од поранешната држава.

Меѓутоа, тековните предлог-измени го прекршуваат и овој принцип! Притеснувањето на бројот на опции за надомест кои би биле објективно прифатливи за оштетените граѓани на само една(!) – и тоа со исплата расцепкана на 10 рати, по една годишно во следните 10 години, почнувајќи од 2018 г. – недвосмислено ја префрлаат оваа обврска на даночните обврзници во РМ заклучно со 2028 година. И сето ова, во услови на задолженост од недоволно познат обем, но и најверојатно несогледиви размери, со горе-долу редовни задолжувања кои почнуваат да доспеваат по 10, 15 или 20 години, со камати од 2-5 и повеќе отсто годишно (зависно од кредиторот)... итн.



Наместо заклучок:


Овие измени фактички потврдуваат дека Република Македонија повеќе не може да гарантира за хартиите од вредност кои самата ги издава – т.е. државата нема на располагање тековни средства со кои во било кој даден момент би ја поддржувала вредноста на сопствените хартии од вредност.

И повторно: ова е голем, ГОЛЕМ проблем.




Creative Commons License
Денационализацијата станува обезвреднување по теркот на ТАТ by Marijan Dzima is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial 4.0 International License.